Не се пресудни само парите, опремата и бројот на вработени, туку знаењето, стручноста и способноста на обвинителите да испорачаат резултати во борбата против криминалот. Ова го порача кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Лидија Раичевиќ, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, посочувајќи го поранешното Специјално јавно обвинителство како пример дека големите ресурси не се гаранција за успешен кривичен прогон.
Раичевиќ истакна дека од сопственото професионално искуство знае оти обвинителството може да постигнува резултати и со ограничени финансиски и кадровски капацитети.
„Јас бев во тоа обвинителство во период кога беше помалку опремено од сега, кога немаше истражен центар, кога немаше толкав број вработени и стручни служби, кога платата беше уште помала. Меѓутоа, резултатите не заостануваа од овие денес, а и тогаш имаше висок криминал“, изјави Раичевиќ.
Таа направи споредба и со поранешното Специјално јавно обвинителство, оценувајќи дека и покрај значителните средства и можности со кои располагало, очекуваните резултати изостанале.
„Сите заедно сведочиме за едно Специјално обвинителство кое имаше ненормално големи ресурси и екипираност, средства, пари, коли, истражни центри и моќни методи. Резултатите ги немаше“, рече Раичевиќ.
Според неа, обезбедувањето дополнителни финансиски средства и подобри услови за работа е важно, но основниот предуслов за успешно функционирање на институцијата е професионалната подготвеност на обвинителите.
„Прво и основно е да знаеме да ја вршиме својата работа. И со тој капацитет што го имаме сега, ние сме во состојба, не само за високопрофилен, туку за секаков вид криминал да испорачаме резултат“, нагласи Раичевиќ.
Таа посебно се осврна на начинот на водење на истрагите и сослушувањето сведоци, предупредувајќи дека недоволното познавање на постапката може да го загрози целиот предмет, без оглед на ресурсите што му стојат на располагање на обвинителот.
„Сослушувањето може да биде бунар на огромен број докази, меѓутоа може да биде и затрупан бунар. Ако не знаете да сослушувате, ако не знаете правила на постапка, вие го осудувате предметот, без разлика со какви можности располагате“, истакна таа.
Раичевиќ нагласи дека нејзината визија за раководење со Обвинителството за организиран криминал и корупција се темели на зајакнување на професионалниот капацитет и кредибилитетот на самите обвинители.
„Мојата визија оди кон централната фигура на тоа обвинителство, а тоа е факторот обвинител, човек професионалец. На неговиот кредибилитет треба да се потпреме, а потоа сите други ресурси и потреби мислам дека со текот на времето ќе дојдат“, порача Раичевиќ во „Клик Плус“ на ТВ21.
