Бајден на чекор до победа – Трамп не ги признава резултатите, поднесени неколку тужби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кандидатот на Демократската партија на претседателските избори во САД, Џозеф Бајден е се поблизу до победа.

Пред освојувањето на Мичиген, Бајден синоќа со победата во Висконсин се приближи до победата над актуелниот американски претседател и кандидат на републиканците, Доналд Трамп. Мичиген, Висконсин и Пенсилванија беа клучни држави на претходните избори во 2016 година. Во секоја од нив, Трамп ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон за помалку од еден процент.

Бајден досега победи во 22 од 50 сојузни држави и Дистриктот Колумбија. Тој доби повеќе од 71 милион гласови – најмногу во историјата на претседателските избори во САД. Неговиот ривал, републиканецот Трамп победи во 23 сојузни држави. Гласачите не гласаа директно за 74-годишниот Трамп или 77-годишниот Бајден, туку избраат избирачи (електори), демократи или републиканци, кои формално избираат претседател во декември. Бидејќи овој чин е формалност, победникот се знае веднаш по изборите.

Кандидатот што ќе победи во една сојузна држава ги добива сите свои гласачи, освен во Мејн и Небраска. Кандидатите можат да ги поделат гласачите во Мејн и Небраска, во зависност од резултатите на ниво на изборна единица во тие држави.

Победникот се уште не е познат во пет држави, Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина, Невада  и Аљаска. Бидејќи на кандидатот му е потребна поддршка од 270 од 538 гласачи за да победи, Бајден треба да освои само една од преостанатите пет држави за да влезе во Белата куќа.

Трамп ги обвини демократите за кражба на изборите, без да наведе докази и најави дека резултатите ќе бидат оспорени пред Врховниот суд на САД.

Претседателот на САД вчера изјави дека имал солидна предност во многу клучни земји за време на изборната ноќ, но дека тогаш таа започнала волшебно да исчезнува.

Правниот тим на американскиот претседател поднесе тужби против изборниот процес во Пенсилванија, Мичиген, Џорџија и Невада, барајќи подобар пристап на набљудувачите на Трамп до локациите каде се бројат гласачките ливчиња и се доведуваат во прашање гласовите добиени по пошта. Има и протести. Во некои држави, каде што води американскиот лидер, демонстрантите бараат да се стави крај на броењето, а во други, каде заостанува – да продолжи. Многумина носат капи со логото „Направи ја Америка повторно голема“ и пароли со неосновани обвинувања дека има изборни измами. Иако се уште не е завршено броењето секаде, АП и други американски медиуми, вклучително и Фокс Њуз, го објавија Бајден за победник.