Орхан Бајрами е убиен а Сеад Слезовиќ е пренесен во болницата во градот Полигирос, откако врз нив било пукано рано утрово околу 3.30 часот. Според очевидци две маскирани лица на мотор се приближиле и упаднале во изнајмениот апартманот во Ханиоти на Халкидики и врз двајцата македонски државјани испукале дваесетина куршуми при што 39-годишниот Бајрами веднаш починал додека 45-годишниот Слезовиќ се здобил со повреди. Грчките медиуми пишуваат дека се работи за класична егзекуција и дека двајцата македонски државјани се обидувале да се сокријат од своите убијци во Грција бидејќи знаеле дека за нив имало нарачно платени убијци за да ги ликвидираат. Полицијата веднаш започнала потрага по убијците и ги проверува безбедносните камери на поширокото подрачје.
„Се се случило околу 3 часот и 30 минути, кога две лица со мотор се приближиле до апартманот во која престојувале двајца скопјани. Напаѓачите, кои имале покриени лица, ги застрелале двајцата мажи на возраст од 39 и 45 години. Тие пукале најмалку 20 пати, при што 39-годишниот бил убиен, а другиот повреден од истрелите е пренесен во болницата Полигирос“, стои во извештајот од грчките медиуми.
Од македонското МНР излегоа со информација дека за убиството во Грција, од каде велат дека македонската амбасада во Атина стапила во контакт со надлежните институции, односно полицијата во Солун од каде било потврдено убиството.
„Во Сани Вилас, Ханиоти двајца маскирани лица отвориле оган врз двајца државјани на Северна Македонија. Двајцата биле однесени во општата болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос. Според информациите на амбасадатa, на местото на настанот излегле повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот.“, се вели во соопштението од МНР.
Според информациите убиениот Бајрами бил сопственик на казино во Скопје, а неофицијално се работи за меѓусебна пресметка.
