„Балансерот“ ја исполнил својата цел – Панова: Понижувачки е при вработување да се бара етничка припадност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Балансерот морало да биде укинат, бидејќи со него биле вработувани и луѓе кои не оделе на работа, а со тоа била уништена и администрацијата. Ова го изјави пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во Дејли Клик на ТВ21. Таа вели дека е понижувачки да се бара етничка припадност на било кој кандидат при вработување во државна институција, кој според мерит системот ги исполнувал сите услови за одредена работна позиција.

Понижувачки е да бараме за еден човек за да работи во администрација, кој што со мерит систем завршил факултет, се образувал како што треба, на крајот на денот формирал семејство, да има егзистенција за својата фамилија, да мораме да му бараме определена национална припадност за да биде вработен во одредена институции“, вели Ели Панова.

Според Панова, „Балансерот“ ја исполнил својата цел, а во последните години имало негова злоупотреба. Поради тоа, добро е што се укинува, но додава дека мора да се изнајде начин како во иднина да се запази правичната застапеност на етничките заедници.

Од друга страна, пак, поранешниот премиер, а сега пратеник на СДСМ, Димитар Ковачевски, исто така во Дејли Клик, изјави дека злоупотребите на „Балансерот“ биле видливи.

Сите сме биле сведоци и сме пријавувале. Македонец ќе се напише Турчин, Албанец ќе се напише Македонец, Турчин ќе се напише Македонеци итн, се за да се исполни таа квота и ние воведовме една опасна работа во државата, која што се нарекува етнички професионализам, бидејќи не ги бирате луѓето врз основа на перформанси, врз основа на мерит систем, туку врз основа на етничка припадност, каде што другите критериуми практично воопшто не важат“, вели Димитар Ковачевски.

Уставниот суд практично со одлуката дека институциите не смеат да бараат етничка припадност на конкурсите за вработување во јавниот сектор, го укинаа „Балансерот“. Ова нивно произнесување беше на поднесена иницијатива од страна на Државната комисија за спречување на корупција, по претставките поднесени до нив за злоупотребата на етничката припадност при аплицирањето за вработување.

Правичната застапеност во институциите беше еден од главните уставни постулати по потпишувањето на Охридскиот договор со кој е завршен воениот конфликт во 2001 година, а „Балансерот“ како алатка беше воведен во 2016-та година.