„Балансерот подобар од законот за правична застапеност“ – Максути: Законот има правна сила, но не ја регулира етничката застапеност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот член на работната група за Законот за правична и соодветна застапеност, Мерсим Максути, во синоќешното издание на „Click Plus“ изјави дека законот има сериозни недостатоци, што го натерало и да се повлече од оваа работна група. Забелешките на Максути се дека законот не предвидува санкции, не ги организира јасно институциите и не нуди сигурни механизми за практична примена. Според него, предвиденото координативно тело има повеќе политичка отколку функционална улога.

„Не поднесов оставка, туку се спротивставив на Законот за правична и соодветна застапеност, и таму ги изнесов моите аргументи. Прво, овој закон нема санкции, не ги организира институциите и не предвидува прецизни и сигурни механизми за негова имплементација во практика, туку е предвидена само една владина координативна група, која има повеќе политички карактер и треба да ја води заменик-претседателот на Владата“, вели Мерсим Максути.

Ова координативно тело нема надлежности да врши надзор, да ги обврзува другите институции да ја спроведуваат правичната и соодветна застапеност, нема таков карактер и моќ, туку има само надлежност да собира информации.

Максути вели дека Законот за правична и соодветна застапеност има поголема правна сила и поставува посилни обврски кон државата, но по содржина не ја регулира етничката застапеност како што тоа го правеше балансерот. Според него, иако балансерот имал недостатоци и злоупотреби, сепак подобро го третирал прашањето на етничката припадност.

„Овој закон не е подобар од балансерот во ниту еден аспект. Како правен акт – да, има поголема правна сила и создава поголема обврска за државата, но во однос на тоа како ја уредува застапеноста е далеку зад балансерот. Треба да бидеме свесни за тоа и искрени пред јавноста. Иако балансерот беше таков, тој практично целосно го регулираше прашањето на етничката припадност, доколку се применуваше без злоупотреби, а знаеме дека имаше многу злоупотреби. Доколку истото што го правеше балансерот денес беше инкорпорирано во законот кој е во процедура, тоа ќе беше идеалното решение“, вели Мерсим Максути.

Максути додава дека законот треба да му даде приоритет на соодветната застапеност пред правичната. За доцнењето во објавувањето на законот, тој вели дека остава многу простор за сомнежи.