Балканот по примерот на ЕУ со отворени граници – Ковачевски: Да се фокусираме на иднината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економскиот форум годинава го дочекавме со настани кои сметавме дека ќе бидат дел од историјата, но за жал се соочуваме со воената агресија на Русија врз Украина рече премиерот Димитар Ковачевски отворајќи го форумот што се одржа во Скопје. Тој истакна дека народите од овие простори поминале конфликти, поделби раздори и убивања и поучени од минатото треба да се фокусираме на иднината. Како пример за регионален напредок ја посочи иницијативата Отворен Балкан.

„Нашата држава, заедно со Србија и Албанија веќе функционира како Европска унија во мало. Неодамна Собранието ги ратификуваше законските решенија кои произлегуваат од иницијативата Отворен Балкан. Со тоа, нема веќе граници меѓу овие три земји. Ги гледаме придобивките од отворањето на заедничките гранични премини и каков бенефит од тоа имаат нашите граѓани на кои им се олеснува и скратува движењето преку границите. Дополнително од круцијално значење за трговската размена во регионот и пошироко се зелените коридори“, изјави Ковачевски.

Ковачевски на маргините на форумот имаше средба и со косовскиот премиер Албин Курти на која меѓу другото станало збор и за унапредување на мирот во регионот, а во тој контекст и за предлогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Курти истакна дека односите со Србија може да се нормализираат само со меѓусебно признавање. Тој на денешниот форум рече и дека е потребно поголема меѓусебна соработка меѓу Македонија и Косово, особено во подобрување на протокот на луѓе на границите, како и поврзување на Тетово со Призрен.

„Република Косово има 4 излезни линии и три влеза, Република Северна Македонија има две излезни линии и два влеза, значи кога ќе излезете од Косово има четири премини, а потоа тоа се намалува на два. Но добив потврда од премиерот Ковачевски дека и тој сака да го промени ова за да имаме побрз премин возилата и патниците.“, рече Албин Курти.

Црногорскиот премиер Абазовиќ рече дека ги охрабрува Косово и Србија да најдат заедничко решение. Во однос на регионот истакна дека е потребно поголема мобилност на луѓето преку границите по примерот на Европската унија.

„Ни треба поголем пристап меѓу луѓето. Не ни требаат граници како што ги имаме сега. Не зборувам за промена на граници, зборувам да се направат границите пофлексибилни, како во ЕУ. Луѓето не треба да чекаат на границите. Ние сега имаме договор да преминуваме со лична карта во друга земја, но следниот чекор е да преминуваме и без лични карти. Ова е следниот чекор. Ако сакаме да се видиме во европското семејство, треба да имаме европско однесување.“, изјави Абазовиќ.

Премиерот Ковачевски на маргините на форумот имаше средба и со Абазовиќ на која било речено дека Македонија и Црна Гора имаат пријателски односи, а станало збор и за можности за продлабочување на економската соработка во повеќе сектори, трговска размена и заеднички настап на трети пазари.