Со триумфот над Беса во баражот за пласман во ПМФЛ денеска одигран во Кавадарци, екипата на Башкими се врати во Првата фудбалска лига по пауза од 16 години.
Тимот од Куманово кој сезонава ја заврши како третопласиран во Втората лига, играше бараж со десетопласираниот во Првата лига, и го победи со 2-0, и така стана последниот учесник во ПМФЛ.
Претходно екипите на Македонија Ѓорче Петров и на Арсими од Чегране се пласираа во Првата лига, додека испаднаа Гостивар и Воска Спорт кои поради одбивање да ја доиграат сезоната, беа префрлени во најнизок ранг на натпреварување.
Со тоа Првата лига идната сезона ќе ја сочинуваат: Шкендија од Тетово, потоа четирите скопски екипи Работнички, Вардар, Шкупи и Македонија ЃП, Башкими од Куманово, Силекс од Кратово, Арсими од Чегране, Струга ТЛ, Тиквеш од Кавадарци, АП Брера од Струмица и Пелистер од Битола.
