Бебето родено под урнатините во Сирија ќе има име што значи чудо: Илјадници луѓе сакаат да го посвојат девојчето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Илјадници луѓе сакаат да посвојат бебе кое се родило под урнатините во северозападна Сирија, а чија мајка починала по породувањето.

Бебето останало сирак, а починале и други членови од нејзиното потесно семејство. Кога го пронашле, новороденото девојче сè уште било приврзано за нејзината мајка за папочната врвца. Откако била спасена, девојчето го добило името Аја, што на арапски значи чудо.

Малата Аја сега е во болница и е во стабилна состојба, јавува Би-Би-Си.

„Кога пристигна во понеделникот, беше во лоша состојба, модра, слабо и тешко дишеше“, вели Хани Маруф, педијатар кој се грижи за неа во болницата во Африн, каде што ја донел далечен роднина.

Директорот на болницата Калид Атијах вели дека добил десетици повици од луѓе ширум светот кои сакаат да ја посвојат Аја.

Но, Атијах, кој има четиримесечна ќерка, вели дека сè уште нема да дозволи никој да ја посвои.

„Додека не се појави нејзиното пошироко семејство, јас ја гледам и ќе ја гледам како свое дете“, рече докторот.

Во моментов неговата сопруга го дои бебето Аја заедно со нејзината ќерка.

Во родниот град на Аја, Џиндаџирис, луѓето се уште трагаат под урнатините по своите најблиски.

„Ситуацијата е катастрофална. Толку многу луѓе се под урнатините. Се уште има луѓе кои не се извлечени“, изјави еден новинар за Би-Би-Си.

Според неговите проценки, уништени се 90 отсто од градот, а најголем дел од помошта доаѓа од локалното население.