Беџети до Мицкоски: Дали ќе ја повлечете иницијативата до Уставен за законот за јазиците?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја повлече нивната иницијатива доставена пред Уставен суд за законот за јазиците. Ова беше прашањето на координаторот на Европскиот фронт Блерим Беџети упатено до премиерот Мицкоски во кој рече дека на тој начин ќе влијае кон стабилноста на државата.

-Моето конкретно прашање во име на парламентарната група на Европскиот фронт е дали имате волја и подготвеност да ја повлечете оваа иницијатива каде што го оспорувате законот за користење на јазиците за почит кон сите Албанци. Дали ќе ја повлечете во интерес на стабилноста прогресот и почитта кон втората по националност во оваа државата Албанците, изјави Блерим Беџети од Европски фронт.

Премиерот Мицкоски не одговори конкретно дали ќе ја повлече иницијативата но се задржа повеќе на тоа говорејќи дали законот за јазиците би можел да биде ризик за безбедноста по државата.

-Не постои никаков ризик за безбедноста на државата, државата е во сигурни раце, се води сметка да нема дополнителни би рекол изненадувања кои што можат да ја нарушат безбедноста на една суверена, европска демократска држава како што е нашата во 21 век, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Горан Мисовски, пак од НСДП го праша премиерот Мицкоски дали има таен договор со ДУИ за нивен влез во Владата.

-ДУИ ги изгласа сите закони со двотретинско мнозинство дури ви обезбеди и Бадентер за одредени законски проекти кои што беа од витално значење на Владата. Мене господине премиер се ми мириса на договор како во минатото. Моето директно прашање до вас господине Мицкоски, дали имате договор со ДУИ и дали подготвувате терен за враќање на ДУИ во Владата, изјави Горан Мисовски од НСДП.

Мицкоски ниту за ова прашање немаше конкретен одговор, туку му порача на Мисовски дека треба да ги осуди ДУИ за сторениот криминал.

-Се надевам дека дел од вашите идоли и до скоро коалициони партнери ќе ги повикате во оваа безбедна Македонија да се вратат назад да дадат одговор пред органите за кои што треба да дадат одговор поради криминалот кои што го правеа изминативе години а кои што постојат основани сомневања дека го правеле, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ова се последни пратенички прашања за оваа година, во кој пратеници упатуваа прашања до претставниците од владиниот кабинет, иако главно тие се однесуваа на премиерот Мицкоски.