Беџети го обвинува Гаши за непочитување на албанскиот јазик – ВЛЕН: Пораките се испраќаат според барањето на пратениците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на Европскиот фронт, Блерим Беџети, објави на Фејсбук неколку пораки од Собранието, кои според него се испратени само на македонски јазик. Тој го обвини претседателот на Собранието, Африм Гаши, за непочитување на албанскиот јазик, нагласувајќи дека тоа не е случајност, туку „политичка линија“. Беџети ја оцени ситуацијата како алармантна, додавајќи дека исклучувањето на албанскиот од службените комуникации го нарушува достоинството и уставниот поредок.

„СМС пораките само на македонски од Африм Гаши не се „техничка грешка“. Тоа е политички сигнал: албанскиот јазик се третира не како второстепен, туку како неофицијален јазик, дури ни како „преведен јазик“. И тоа е аларм. Ова не е веќе политичка дебата. Ова е прашање на достоинство и уставен поредок. Албанскиот јазик не е декор. Тоа е црвена линија! Ако денес не е во службените СМС пораки до пратениците, утре нема да биде во носењето одлуки. Задутре, дури ни во институциите.“, изјави Блерим Беџети.

На Беџети му одговори пратеничката на ВЛЕН, Саранда Имери-Стафај, објаснувајќи дека јазикот на пораките зависи од тоа како самите пратеници поднесуваат барање. Таа додаде дека во конкретниот случај, барањето е направено на македонски јазик, па затоа пораките пристигнале на истиот јазик, истакнувајќи дека во тековниот мандат има напредок во користењето на албанскиот јазик.

„Како што се прави барањето, така доаѓаат и пораките. Блерим (Косето) Беџети го направи барањето само на македонски. Многу време потрошив да пишувам. Мене така ми пристигнуваат. Она што Талат не го направи за 7 години (пораките на албански), Африм Гаши го направи за 7 месеци!“, рече Саранда Имери-Стафај.

ТВ21 за ова прашање контактираше и со органите на Собранието, од каде кратко ни одговорија дека албанските пратеници ги примаат пораките и на македонски и на албански јазик.