Беџети со прашање до Мицкоски: Кога ќе биде готов Законот за правична застапеност?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кога ќе биде готов законот за правична и соодветна застапеност. Ова беше прашањето на координаторот на Европскиот фронт Блерим Беџети кој рече дека оваа Влада преку одлуката на Уставниот суд го укинала Балансерот, а притоа не се носи законот.

„Бидејќи поминаа над 6 месеци ние пратениците од парламентарната група на Европскиот фронт, поставуваме прашање што стана со законот за правична застапеност кој што произлегува од Амандаманот 5 на Уставот на Северна Македонија. Во кој месец бидејќи Изет Меџити и Арбен Фетаи се изморија кажувајќи овие две недели и ова стана хумор веќе, не овој четврток, не другиот четврток.“, изјави Блерим Беџети.

Премиерот Мицкоски прочита одлука донесена од владата на СДСМ и ДУИ во кој се наведува дека Балансерот е надминат и дека Уставниот суд треба да го укине. Законот е готов веќе 6 месеци но се наоѓа на проверка за да не се случи повторно да падне пред Уставниот суд, рече Мицкоски.

„Многу повеќе отколку што вие мислите за Албанците јас мислам за Албанците, затоа што јас времето не го губам како претседател на Влада играјќи фудбалчиња и баскет во канцеларијата. Јас можам да ви кажам дека ќе има закон за правична застапеност, јас лично ќе го извадам овде и јас лично ќе го бранам кој што ќе биде уставен и ќе гарантира вистинска правична застапеност на сите етнички заедници. Јас гарантирам за правичната застапеност еве да знаете и дека никој нема да се почувствува дискриминиран.“, изјави Мицкоски.

Беџети од премиерот Мицкоски побара извинување кон Албанците поради неговата ароганција и постапување кон нив. На ова Мицкоски рече дека ќе им се извини, но затоа што порано не ги тргнале од власт.

Беџети: Дали денеска имаш храброст да им побараше извинување на Албанците за арогантното однесување во својство на премиер?

Мицкоски: Се извинувам што навистина оваа држава порано не ве испратија во опозиција. Да, се извинувам, еве се извинувам на албанскиот гласач што порано не ве испратија во опозиција.

Законот за правична и соодветна застапеност се очекува да биде правна рамка за еднакви права на етничките заедници во јавните и државните институции. Потребата од овој нов закон се појави откако Уставниот суд го укина Балансерот.