Бектеши му одговори на Мицкоски: Северна Македонија е моја колку што и негова

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за економија Крешник Бектеши беше гостин во емисијата 10 минути на ТВ21 каде му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кој вчера го обвини Бектеши за непријателски чин затоа што на новинар во Албанија му рекол дека не е „Македонски министер“, туку министер на Северна Македонија. На повикот на Мицкоски до Ковачевски да се обединат меѓу себе, за да ја спасат Македонија, Бектеши одговори дека таква реторика била слушната и од претходникот на Мицкоски, Никола Груевски, кој ги повикуваше 61 пратеника, Албанците да не се прашуваат при процесот на владеење. Бектеши рече дека на Мицкоски треба да му е јасно дека му е чест да биде министер на Северна Македонија.

„Јас сум Албанец по етничка припадност, тоа е реалноста, бидејќи во Северна Македонија живеат и работат над 600 илјади Албанци, тие се тука, колку што е моја Северна Македонија толку е и на г. Мицкоски. Како што јас се грижам толку и тој треба да се грижи за Северна Македонија затоа што ова е моја држава, исто колку што е и негова. Не треба да будиме национализам, не треба да го поларизираме општеството со вакви теми, бидејќи ние имаме поважни теми, главниот фокус нам како Влада и ним како опозиција треба да ни биде во подобрување на животниот стандард на граѓаните, во интегрирање на земјата“, рече Бектеши.