Белата куќа: Мировниот договор треба целосно да го почитува украинскиот суверенитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американските и украинските власти потврдија дека идниот договор за окончување на конфликтот со Русија „треба целосно да го почитува суверенитетот на Украина“, соопшти Белата куќа по разговорите во Женева меѓу претставници на САД, Украина и Европската унија.

Американското претседателство ги поздрави синоќешните разговори во Швајцарија, на кои присуствуваше државниот секретар Марко Рубио, оценувајќи ги како „значаен чекор напред“ кон мировно решение за војната што ја разорува Украина.

Рубио изрази „голем оптимизам“ за можноста за постигнување договор, додавајќи дека, според него, тоа би можело да се случи „многу скоро“.

Женевските разговори, официјално завршени доцна синоќа, се темелеа на планот на американскиот претседател Доналд Трамп од 28 точки за завршување на конфликтот започнат со руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

„Разговорите беа конструктивни и насочени кон конкретни цели, со заедничка посветеност за постигнување праведен и траен мир“, наведе Белата куќа во соопштение со украинската делегација присутна во Женева.

Двете страни „потврдија дека секој иднен договор треба целосно да го почитува суверенитетот на Украина“, се додава во соопштението, а по разговорите САД и Украина „изработиле нова верзија на мировната рамка“.

Во Женева, украинскиот преговарач Андриј Јермак, „десната рака“ на Володимир Зеленски, изјави дека е постигнат многу добар напредок во дискусиите, откако украинскиот претседател претходно нагласи дека новата верзија на американскиот план ги одразува „најголемиот дел од клучните приоритети на Киев“.

Трамп му даде рок на Зеленски до 27 ноември да одговори, пред да соопшти во саботата дека планот не е неговата „конечна понуда“.

Првичната верзија на документот наиде на противење од Киев и неговите европски сојузници, кои во неделата пристигнаа во Женева за да спречат мировен договор што би значел капитулација на Украина.