Миноски: Стабилното владино мнозинство е шанса за длабоки економски и административни реформи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски оцени дека земјава со години не успева да изгради култура на консензус и „вин-вин“ пристап во економските политики, што, според него, е клучно за одржлив економски развој од кој бенефит би имале сите чинители во општеството.

Говорејќи во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, Миноски истакна дека добрата економија подразбира заеднички интерес и одговорност, но дека таквиот пристап сè уште недостига во македонскиот политички и економски амбиент.

Сепак, тој смета дека актуелната политичка констелација отвора можност за суштински промени. Според него, Владата во моментов располага со стабилно мнозинство, што ѝ овозможува да спроведе длабоки структурни реформи.

„Можеби како никогаш досега постои можност да се спроведат структурни реформи кои ќе бидат болни, но ќе го променат начинот на функционирање и на деловното опкружување и на самата економија“, нагласи Миноски.

Тој потенцираше дека економскиот раст е директно поврзан со создавање поволно и предвидливо деловно окружување, што подразбира стабилна законска рамка, предвидливост во даночната политика и јасни правила на игра за бизнисите. Според него, токму овие елементи можат силно да влијаат позитивно, но и негативно врз економијата.

Како една од најчувствителните, но неопходни реформи, Миноски ја посочи реформата на јавната администрација. Иако, како што рече, бројот на вработени во јавниот сектор на прв поглед не отстапува драстично од европскиот просек, проблемот станува поочигледен кога ќе се спореди со вкупната стапка на вработеност во државата.

„Во Македонија стапката на вработеност е околу 56 проценти, додека просекот во Европската Унија е околу 72 проценти. Во тој контекст, пропорцијата на јавната администрација е значително поголема“, предупреди тој.

Според поранешниот министер, реформите не треба да се сведат само на донесување закони, туку да вклучуваат темелна анализа на процесите во државните институции, како и креирање политики за стимулирање на одредени сектори во кои Македонија може да изгради конкурентска предност.

„Неопходни се суштински чекори, кои ќе значат подобра ефикасност на институциите и насочување на ресурсите кон сектори со реален развоен потенцијал за македонската економија“, заклучи Миноски.