Претседателот на НДП, Весел Мемеди, во синоќешното издание на дебатниот магазин „Клик Плус“, откри дека е отворен за тројна коалиција меѓу НДП, ДПА и Движењето Беса.
„Нема дилема дека сме заинтересирани да дадеме придонес за национални прашања. Доколку од нас како НДП биде побарано од страна на националните и прогресивните сили во земјата да придонесе за формирање национална опозиција, тогаш ние сме подготвени да одговориме на поканата, но под услов таа да биде искрена“, истакна Весел Мемеди.
Тој неколкупати им се заблагодари на лидерите на ДПА, Мендух Тачи и на Беса, Биљал Касами, за тоа што другите политички опоненти го покажале вистинското лице.
„Вашето прашање беше зошто му се заблагодаривте на Мендух Тачи? И вечерва му се заблагодарувам на Мендух Тачи за она што го потврди и запечати со конкретни факти за неколку луѓе. Уште еднаш му се заблагодарувам на Биљал Касами што го покажа вистинското лице на неговите колеги, но и на г.Тачи кој има исклучително искуство и кој добро ги познава овие луѓе кои се. Им благодарам за она што го истакнавме уште во 2015 година“, додава Мемеди.
Од Движењето Беса сѐ уште без конкретен одговор – дали се подготвени за коалиција со НДП. Велат дека досега немале комуникација со Мемеди за ова прашање.
„Во моментов сме фокусирани на секојдневните средби со партиските структури, со разни организации и интелектуалци од дијаспора. Продолжуваме со нашата заложба за доближување до интелектуалците, студентите и професионалците, за сеопфатна опција која би ја донела потребната промена“, посочи Аријанит Хоџа.
Првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, не сакаше да се произнесе дали би влегол во коалиција со партијата на Весел Мемеди. На прашањето зошто Весел Мемеди го смета Али Ахмети за лидер, тој одговори дека лидер е оној кој ќе победи на изборите на 12-ти април и кој ќе добие легитимитет да преговара со македонската страна во име на сите албански политички партии.
