Беса нема да се придружи на СДСМ-ДУИ – Хоџа: На локалните избори сами и со свои кандидати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заев и Ахмети го официјализираа договорот меѓу СДСМ и ДУИ за локалните избори, а премиерот на Фејсбук напиша дека имаат „заедничка цел во предизборната коалиција да се приклучат што повеќе партии од владината коалиција“.

Меѓу тие партии од кои Заев очекува поддршка е и Движење Беса која за парламентарните избори направи коалиција со социјалдемократите. Но, сега не им паѓа на памет да се приклучат на коалицијата меѓу Заев и Ахмети. Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа потсети дека и претходно изјавиле дека на локалните ќе настапат со свои кандидати.

„Не би сакал да го  коментирам соопштението кое заедно го напишале лидерот на СДСМ и на ДУИ, бидејќи тоа е многу проширено и не кажува точно за што се договориле. Ние сме политичка партија која е дел од владата речиси една година и реално ние пристапуваме доста сериозно на трката за локалните избори и сакаме да видиме дали во делот од власта каде што направивме разлика ќе влијае и на ниво на локалните избори а сме убедени дека ќе влијае“, посочи Арјанит Хоџа.

Од друга страна, лидерот на опозицијата АА, Зијадин Села кој веќе е во коалиција со Алтернатива, предизборниот договор Заев – Ахмети го гледа како страв на лидерот на Интегративците да се соочи со албанската опозиција на локалните избори.

„Али Ахмети не го прифати предизвикот  да излеземе и да се соочиме на локалните избори, ние од една страна и тој со албанските партии од друга страна. Како што изгледа се плаши…“, посочи Зијадин Села.

Се уште не се познати детали од предизборната коалиција на СДСМ и ДУИ, за тоа кој кого ќе поддржи, бидејќи во поголемите општини, како социјалдемократите така и  Интегративците излегуваат со свои кандидати, како на пример во Тетово и Струга. Најголема меѓусебна поддршка се очекува во помалите општини.  Во вчерашното соопштение на Фејсбук Заев напиша дека во тек е изборот на најдобрите кандидати, кои како што напиша ќе бидат фигури кои се подготвени да го дадат најдоброто за граѓаните.