Вкупно 296 сообраќајни прекршоци се регистрирани во првите два дена од функционирањето на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Според информациите од СВР Охрид, во првиот ден од примената на системот, на 12 октомври 2026 година, биле евидентирани 148 прекршоци. Уште 148 прекршоци биле регистрирани во текот на вчерашниот ден, 13 октомври, заклучно со 19 часот.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населено место, поминување на црвено светло на семафор и управување со нерегистрирани возила.
Сите прекршоци се документирани, а до сопствениците на возилата со кои биле сторени се испраќаат известувања преку СМС-пораки и електронска пошта.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, како и поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
Целта на системот „Безбеден град“, како што посочуваат надлежните, е да придонесе за подигнување на сообраќајната култура, поголема дисциплина кај возачите и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Ова за „Порта.мк“ го соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
