Бесими: Интересот за еврообврзницата 2,3 пати поголем, што покажува дека сме попривлечни за инвеститорите од многу економии во регионот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со вчерашната аукција Република Северна Македонијa покажа дека за инвеститорите е многу попривлечна од многу економии во регионот, како и дека имаат доверба во политиките кои се спроведуваат, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими денека на прес-конференција за вчера издадената еврообрзница.

Република Северна Македонија вчера ја издаде осмата еврообврзница во вредност од 700 милиони евра. Со неа ќе се врати долгот по основ на третата еврообврзница од 2014 година во износ од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 милиони евра и остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит. Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата.

Министерот потенцира дека на верашната аукција, имало за 2,3 пати поголема побарувачка од страна на меѓународните инвеститори, односно ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 милиони евра, побарувачката била 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори.

-Ако направиме споредба со други економии од регионот и пошироко кои издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка од голем број од нив. Така на пример, минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75 отсто додека другата од 1,125 отсто. Понатаму минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65 отсто. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75 отсто и 5,875 отсто. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253 отсто. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253 отсто, посочи Бесими.

Дополни дека Романија кон крајот на ноември издаде две еврообврзници во износ од милијарда и пол евра со каматна стапка од 2,625 и од милијарда евра со каматна стапка од 1,375 отсто, Турција, исто така, ноември минатата година издаде еврообврзница во износ од 2,3 милијарди евра со каматна стапка од 5,95 отсто и Србија од 2 милијарди евра со каматна стапка од 2,125 отсто.

Според министерот, каматната стапка што се постигна на вчерашната аукција е убедливо најниска споредено со претходно издадените еврообврзници. Таа изнесува 1,625 отсто, или за 1,125 процентни поени помалку од еврообврзницата од 2018 година која досега имаше најниска каматна стапка од сите наши обврзници. Во однос на еврообврзницата издадена во 2009 година, која е со најголема каматна стапка од сите наши еврообврзници, оваа еврообврзница, рече министерот, има камата пониска за 8,25 процентни поени.

-Она што е особено охрабрувачки од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за само девет месеци има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвестори. Така, каматната стапка на седмата еврообврзница, која беше издадена на почетокот на корона-кризата во јуни 2020 година, изнесуваше 3,625 отсто. Сега каматната стапка е 1,625 отсто, или за 2,05 процентни поени помалку. Во овој период се донесоа и почнаа да се спроведуваат третиот, четвртиот и петиот пакет антикризни мерки, кои заедно со другите политики, влеваат сигурност за нашата економија кај инвеститорите. Оттаму, цената на капиталот кој ни го позајмуваат е по исклучително пониска каматна стапка, која е приближно иста цена со домашните државни хартии од вредност со слична рочност, рече Бесими.