Бетонските бариери на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, според општинските власти се поставени за безбедноста на пешаците, но има и „мрзливи“ граѓани кои не ја преминуваат улицата на пешачки премин. Иако е полициски час, ова дете ѕидот го користи како клупа.
Но, дали ова е вистинското решение за овој дел од градот каде сообраќајниот метеж е неизбежен во секој дел од денот? Инженерот Ќамуран Исмаили, вели дека проблемот би можел да се реши на разни други начини и дека ова што во моментов е направено изгледа како воена тампон зона.
„Изгледа многу лошо бидејќи изгледа како воена тампон зона и доколку е потребно да биде вака одделено, има начини како тоа да се направи, како што е направено во другите населби и други делови од градот. Го имаме делот во Бит Пазар каде е средено како што треба. Моментално тоа што недостасува е проширување на улицата, паркинг и едукација, бидејќи ние само со затворањето на улицата не ги едуциравме луѓето, туку им поставивме бариера“, истакна Ќамуран Исмаили.
Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, вели дека бетонскиот ѕид е наменет за децата кои секојдневно минуваат тука. Додава дека се свесни дека ѕидот не го решава проблемот 100%, но дека за почеток е добра иницијатива.
„Од моментот кога ги поставивме бетонските барикади, секако дека за секој проект кој го правиме има позитивни и негативни критики, но тоа што мене лично ме израдува е што има повеќе позитивни критики отколку негативни. Јас сум убеден дека откако е поставен ѕидот, оваа улица е многу побезбедна од претходно, не само за пешаците, туку и за возачите“, посочи Ваљон Салиху.
Градоначалникот на општината, Висар Ганиу, во предизборието вети катна гаража кај Чаирчанка со капацитет за 100 автомобила како решение за метежот во овој дел од градот, но ваков проект сѐ уште не е реализиран.
