Без 1.000 евра не може да се преживее, од јануари до сега минималната кошничка порасна над 4800 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Без 1.000 евра, четиричлено семејство не може да го преживее месецот. Синдикалната минимална кошничка во ноември се искачи на 62.021 денар,а минималните трошоци за едно семејство само за еден месец се повисоки за 772 денари и тоа како резултат на поскапување на основните прехрамбени продукти. За граѓаните со изнајмен стан од 60 квадрати, трошоците се повисоки и изнесуваат 77.396 денари. Синдикатот со реакција – Владата да ги заузда трговците кои ги злоупотребија мерките, зошто следни чекори може да бидат штрајкови и протести.

„Дефинитивно мерките на Владата не вродија со плод кај трговците,имајќи во предвид дека тоа го злоупотребија и ги покачија неосновано цените на продуктите кои што сме должни ние граѓаните и работниците да ги плаќаме по маркетите. Имено за 772 денари овој месец е покачена само таа ставка, во синдикалната потрошувачка кошничка. Ако земеме споредбено со јануари истава година, ќе видиме дека преку 4.800 денари е зголемена вкупно синдикалната потрошувачка кошничка. Тоа значи дека владата навистина треба да ги заузда трговците и да преземе поригорозни мерки. Дефинитивно повеќе вака не може и верувајте следни чекори може повторно да бидат штрајкови, протести“, рече Иван Пешевски од ССМ.

Mинистерот за економија Бесар Дурмиши кој беше гостин во денешната емисија „Дејли Клик“ на ТВ 21 кажа дека мерките на владата даваат резултат.

„Според нашите пресметки штедењето за октомври месец е околу 1200 до 1500 денари, зависно какви артикли се купени од едно четиричлено семејство, и ако го имаме предвид и другата мерка за училишните предмети, значи за овие 2 месеци, со мерките што беа превземани од МЕ и Влада сме стигнале до 3000 денари да им излеземе на помош на граѓаните за да штедат во вие 2 месеци“, рече Дурмиши.

Министерот кажа дека веќе се работи и на новогодишната кошничка која ќе важи од 15 декември до 15 јануари. Трговците сами ќе ги одберат производите со пониски цени. За 5 проценти ќе се намалат маржите од производителите и уште 5 проценти од трговците.