Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, го посетија модернизираниот команден центар на СВР Велес и го означија почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ на ова подрачје.
Тошковски информираше дека новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани и реновирани простории, кои претходно ги користело Министерството за одбрана, а потоа не биле во употреба речиси две децении. СВР Велес сега доби современ простор од кој се реализираат активностите поврзани со системот „Безбеден град“.
„Само во текот на вчерашниот ден, за 24 часа, имаме констатирано околу 124 казни, а денеска досега околу 27, односно за ден и половина околу 150 казни на територијата на СВР Велес, што ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Најголем дел се за брзо возење, а три-четири казни се за поминување на црвено светло. Тоа е фрапантно подобрување на почитувањето на сообраќајните правила од страна на македонските граѓани“, оцени Тошковски.
Притоа, тој рече дека основната цел на системот „Безбеден град“ не е казнувањето и полнењето на буџетот, туку промена на сообраќајните навики и спасување човечки животи.
„Сакам уште еднаш да им се заблагодарам, пред сè, на македонските граѓани, затоа што со имплементирањето на еден систем чијашто првична цел е спасување човечки животи, а не полнење на буџетот, покажавме дека навистина можеме да се однесуваме европски. Позитивните ефекти од таквото однесување се многу помал број жртви, многу помал број сообраќајни незгоди и многу помалку негативни последици од непочитувањето на сообраќајните правила“, нагласи Тошковски.
Тошковски изрази благодарност и до медиумите, општествено одговорните компании и организациите кои се вклучија во кампањата за подигнување на сообраќајната култура. Како особено значаен показател за ефектите од преземените мерки, министерот ги посочи податоците за бројот на жртви во сообраќајот.
„Заклучно со месец август, ако минатата година сме имале 96 жртви, оваа година за истиот период имаме 61 жртва. Тоа е фрапантна разлика за период од една година. Според информациите што ги добивам од експертите, доколку продолжиме вака и со почитување на правилата од страна на сите македонски граѓани, можеме да бидеме пример не само во Европа, туку и во светот, како за многу краток период сме успеале да го намалиме бројот на жртви за околу 40 проценти“, истакна Тошковски.
Министерот порача дека сите активности, инвестиции и кампањи што се преземаат во областа на сообраќајната безбедност имаат една заедничка цел – Македонија да стане побезбедна држава за сите.
