„Биолошка бомба“ во Ломбардија – ТВ21 разговараше со Шпетим Ајдари кој бил на мечот Атланта-Валенсија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Италија е една од најпогодените земји во Европа од коронавирус. По направена експертска анализа, градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори, изјави дека натпреварот Аталанта-Валенсија е причина за ширење на коронавирусот во областа Ломбардија. Тој дури мечот го оцени како биолошка бомба. Во Италија, првиот позитивен случај на Ковид-19 е регистриран на 23-ти февруари. И покрај тоа што вирусот почна да се шири, над 40.000 луѓе се упатија кон Милано. Првиот човек на Бергамо, за италијанските медиуми рече дека веројатно повеќето од нив биле заразени. ТВ21 контактираше со државјанин на Македонија, кој бил присутен на мечот.

„На натпреварот не се зборуваше дека тогаш има некој вирус. Мислам дека беше последниот меч одигран со навивачи и оттогаш го забранија фудбалот. Можно е да има заразени, бидејќи по натпреварот почна да се шири многу. Бергамо е погоден од вирусот“, истакна Шпетим Ајдари.

Шпeтим живее во Лугано, Швајцарија, град кој се наоѓа на граница со Италија.Тој раскажува како се живее во моментот таму.

„Во моментов сме затворени. Имаме рок до 19-ти април, но доколку состојбата не се подобри карантинот ќе биде продолжен. Во маркетите има храна, но само еден член од семејството смее да оди да купува“, додава Ајдари.

Инаку, мечот Аталанта-Валенсија се одигра на 19-ти февруари во првото осминафинале од Лигата на шампионите на „Сан Сиро“ во Милано пред 45.000 гледачи. Градоначалникот на Бергамо е убеден дека овој натпревар го забрзал заразувањето на многу луѓе во областа, бидејќи како што рече многумина го следеле натпреварот во групи, а имало и многу контакт.