Бишев: Без структурни реформи не може раст поголем од 2,5%, Фискалниот совет укажал дека постои ризик да се остварат проекциите за 2025-та

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската економија во наредните 20 години не може да произведе раст поголем од 2,5 проценти доколку не се случат структурни промени, потенцира Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев во вчерашната емисија Бизнис 21 на ТВ 21. Бишев вели тоа е она што го дава денешната структура на економијата, денешните капитални фондови, едуцираноста на работната сила и силата на институциите.

„Националната стратегија за економски раст, економистите од земјата и од странство, од Институтот од Денвер, која кога го проектираа потенцијалниот економски раст за наредните 20 години, тие го проектираа на 2,5 проценти.

Со реформа на овие фактори, проценката на економскиот раст оди на 4,5 проценти“, рече Бишев.

Тој потенцира дека во години кога сме имале добар раст, наместо да штедиме ние уште повеќе сме трошеле. Така сме го зголемувале буџетскиот дефицит и јавниот долг кој како што покажа и анализата на „Бизнис 21“ за 20 години пораснал од 1,5 на 9,7 милијарди евра, или од 23 на над 60% од БДП. Бишев потенцираше дека укажале дека постои ризик да се остварат и проекциите со Предлог – буџетот за 2025.

„Меѓутоа она што Фискалниот совет укажа е да преголемите расходи кои што достигнуваат 40 % од БДП и учеството на вкупните јавни приходи, достигнуваат некаде 36,5- 37% од БДП, што Фискалниот совет цени дека при денешното ниво на даноци и структура на даночниот систем многу тешко да се оствари.“, изјави Бишев.

Бишев вели дека студијата на Фискалниот совет и Фајнанс Тинк покажале дека, согласно новата пресметка, јавниот долг на земјава годинава ќе достигне околу 64% без достасани неизмирени обврски, а со нив околу 68,5 % од БДП.