Благодарност до Србија, но срам за нашата држава – Пендаровски признава дека земјава потфрли во вакцинирањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на државата Стево Пендаровски призна дека земјава потфрли во обезбедувањето здравствена заштита на населението. Тој по состанокот на Советот за безбедност на кој се расправата за здравствената состојба во земјава, рече дека добил информација од министерот за здравство Венко Филипче дека имунизацијата ќе започне утре. Сепак, додава дека тоа што се случи изминативе денови кога наши граѓани одеа во Србија за вакцинирање  е одраз на голем револт од граѓаните и голем срам за нас.

„Верувам дека го пренесувам чувството на огромното мнозинство македонски граѓани кои се незадоволни од она што на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд во соседна Србија тоа најдобро го илустрира. Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност за Србија, се разбира, но тоа беше срам за државата наша. Едноставно државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука“, истакна Стево Пендаровски.

Пендаровски рече дека толкавото доцнење за стартот на имунизацијата е поради тоа што како држава се потпиравме на Ковакс механизмот и дека верувавме во солидарниот фонд на Европската унија, но тие задоцнија со месеци. Констатира дека 80 проценти од вакцините се распределени во 10 отсто од државите, но тоа, вели тој не треба да биде оправдување. Иако голем дел од лицата заболени од Ковид 19 не можат да дојдат до болничко лекување, Филипче го уверил во спротивното. Пендаровски, упати порака и до приватните клиники да го намалат профитерството.

„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто досега не се случило, ниту пак ќе се случува отсега. Сакам во оваа прилика да упатам и еден личен апел, да ги повикам приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профитот за да ги направат нивните услуги подостапни за инфицираните од Ковид 19 и ако има потреба за тоа да го упатуваат и својот медицински персонал на работа во јавните здравствени установи“, додава Стево Пендаровски.

Во однос на вакцинацијата истакна дека не смее да има приоритети за било кој функционер. За да нема сомнеж дека некој ја злоупотребил позицијата, секој функционер да се пријави за вакцина на интернет страницата на Министерството за здравство, како и секој друг граѓанин и да се вакцинира кога ќе му дојде редот, порача Пендаровски.