„Јас со ова земјиште што го имам овде ги растев децата. За 400 денари дали ти ќе го дадеш твоето земјиште кое е на рамница, 5 илјади килограми пченица даваше еден хектар“, вели Изаим Шкрета.
Изаим Шкрета е сопственик на една парцела каде ќе се гради автопатот Скопје – Блаце. Инаку властите на крајот на 2020 рекоа дека завршило отуѓувањето на имотот, некои сопственици го тврдат спротивното.
„Јас не сум за да запре патот овде, бидејќи и јас одам по тој пат. Каде има земјиште за 4 евра, нека ми дадат замена во Скопје некаде, ќе платам и повеќе“, додава тој..
Бидејќи не се договорија жителите при експропр5ијацијата на земјиштето, сега се во судска постапка за конечна цена. Денеска на делот каде се градеше автопатот беше и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми. Тој рече ќе биде онака како што ќе одлучи судот.
„Имаме неколку дела од неколку парцели за кои сопствениците на земјиштето не беа задоволни со цената која им беше понудена од државниот проценител. За сите оние кои не се согласија со цената за отуѓување на тој дел, продолжуваат судските процеси и во моментот кога ќе заврши судската постапка и судот ќе оцени за цената на тоа земјиште, кога ќе стигне судска одлука, ние ќе извршиме исплата врз основа на судската одлука“, вели Ејуп Рустеми.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски изјави дека работите од првата фаза ќе завршат кон средината на 2022, но не даде рок за целосно завршување на работите за автопатот од Скопје до Блаце.
Тој додаде дека за вториот дел кој е со должина од околу 10,5 км, проектот ќе биде подготвен до крајот на овој месец и ќе се даде на разгледување. Инаку Рустеми и Бочварски беа во контрола на работите а до сега се асфалтирани 400-450 метри од автопатот.
