Блокирањето на законите во Собрание загрозува 50 илјади работни места, предупреди синоќа во Клик Плус министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој не гледа причина за блокирање на законите бидејќи, како што вели, тие се во интерес на претприемачите и зачувувањето на работните места преку субвенционирање на платите.
„Со неможноста за почеток на имплементацијата до крајот на месецов, загрозуваме некаде околу 50 илјади работни места и верувам дека опозицијата го добила мандатот но истовремено и одговорноста дека доколку не се согласи со законските решенија што ги предложи владата, да посредува во подобрување на истите закони а не да директно да ги блокира“, истакна Крешник Бектеши.
Доколку Владата и министерот се навистина толку загрижени за губењето работни места, тогаш можело на дневен ред да се стават и економските пакети кога се гласала довербата на владата, вели Илире Даути од Алијанса/Алтернатива. Потсетува дека тогаш опозицијата не ги блокираше законите.
„Законите кои се однесуваат на обезбедување минимална плата за деловните субјекти и за физички лица за месеците февруари и март, тие токму февруари и март ги опфаќаат, а вие гледате дека ние сме на крај на март и според предлог законот каде е истакнато дека до 12-ти, физичките лица и деловните субјекти имаат право да аплицираат, веќе помина, исто така и датумот 15 март кога УЈП требаше да одговори, исто така помина“, посочи Илире Даути.
Пратеничката од опозицијата вели дека нивната блокада е последица на тоа што власта го направи со нивниот предлог закон за државјанство.
Доколку власта навистина е загрижена, ги имаат сите можности да се направи деблокада, вели таа.
Синоќа во Клик Плус, Бектеши изрази подготвеност за наоѓање решение како за законот за државјанство така и за преговори со албанската и македонската опозиција за спроведување на мерките кои произлегуваат од петтиот пакет.
