Власта не смее да ги распродава националните македонски интереси, туку должна е истите да ги брани-порача Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на седмиот ден од протестите против францускиот предлог кои се одржаа пред влада.
„Денеска почнуваме со блокади на неколку места низ Република Македонија. Народот јасно ја повикува владата и државното раководство да каже не на ултиматумот. Да не се обидува во парламентот да протурка нешто каде имаат гласачка машинерија од група пратеници коишто знаеме дека ќе гласат во склад со нивните барања“, вели Драган Ковачки.
Демократската унија за интеграција цени дека насилните протести деновиве се објективен одраз на тенденциите за дезориентација на земјата од европскиот пат. Јасно демаскирање на регресивните сили кои не штедат средства да ја спречат земјата во остварувањето на сонот за европска интеграција.
„Секое изразување на насилство не може да ги исплаши граѓаните со кои заедно во овие две децении ги изградивме темелите на здравото општество преку, Охридскиот договор за еднаквост и меѓусебно почитување, Договорот од Преспа кој ни ги отвори вратите на НАТО и решавањето на спорот за автокефалноста на Православната црква“, посочија од ДУИ.
Ги прашавме дел од граѓаните кои протестираат дали веруваат дека можат да ги променат политичките одлуки и што доколку кажеме НЕ на францускиот предлог и останеме во изолација?
„Веќе го сменија мислењето. Им беше во план да направат национално предавство сега жешкиот копир го фрлија кон Собрание. Вреќе успеваме во нашите намери“.
„Ние сме изолирани 30 години. Не залажуваат со морковот, а само стапот го јадеме. Кој е поентата да продолжиме да се плашиме“.
„Не знам мене ми е страв и затоа излегувам на овие протести. Од што ви е страв? Да не протнат како со Грција“.
„Да се почитува она што го бара народот а тоа е одбраната на македоснкиот идентитет, историјата, културата и јазиукот. Оваа држава има капацитет да излезе од таква ситуација“.
Денешните блокади се проширија на неколку локации во земјава како Плетвар, патот Радовиш -Струмица, Велес – Штип.
„Министерството за внатрешни работи потсетува на правата и должностите кои ги предвидува Законот за јавните собири. Согласно, член 2-а од Законот: „Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест не може да се одржува на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај“, велат од МВР.
Блокадите поминаа мирно и без инциденти. Поради утрешниот празник Курбан Бајрам протести нема да има утре, продолжуваат во недела.
