Во јануари Нурхан Исмани Сејдини, постар наредник во Армијата, заедно со неговото 3 годишно синче отишол на посета кај семејството во Њујорк. Поради влошувањето на кризата со коронавирусот „заглавил“ таму.
-Од Амбасадата само ни рекоа чекајте, чекајте и на 1 април од Конзулатот на Македонија тука во Њујорк ми стигна емаил дека Македонија сега за сега не планира да организира нешто и дека ќе не информираат доколку се организира.-рече Сејдини.
Македонија не успеа да ги врати во татковината нејзините државјани од САД. Како опција им е понуден лет до Софија, што го сведочи и овој емаил од дипломатското претставништво. Истото за ТВ21 го тврди и МНР.
„Прекуокеански летови не беа предвидени со оглед на бројот на барања и можностите за нивно реализирање, од технички и финансиски аспект. На македонските државјани затекнати во САД и во многу други прекуокеански земји им беше пружена помош од Министерството за надворешни работи во соработка со други земји и нивните министерства за надворешни работи, преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана.“, велат од МНР.
„Срамота е да излезе политичар и да каже аеродромот во Софија, а имаме наш аеродром. Како може да побара нашата држава да талкаме низ аеродромите по светот кога во Македонија имаме аеродром. Каква грижа покажува Северна Македонија за граѓаните кои останаа блокирани?“, изјави Сејдини.
Од комуникациите со Амбасадата, вели дека дознал дека над 100 државјани се блокирани во САД, но потоа вели дека му кажале дека бројот е околу 30, бидејќи повеќето се повлекле кога дознале дека ќе треба да одат во државен карантин. Наредникот Сејдини вели дека го ризикува и работното место доколку не се врати на работа до крајот на следниот месец.
-За ова чекам од Владата на Македонија одговор за аеродромите дали ќе се отворат или не, и за колку време ќе се отворат? Ако не се отворат јас ќе морам да го земам мојот Арбен и да тргнеме од Софија за да не си отворам утре работа по судови, да го барам моето право доколку ја изгубам работата.-рече Сејдини.
Всушност отворањето на аеродромите во земјава се уште е под знак прашање. Тие се затворени од средината на март поради кризата со коронавирусот. Пред неколку дена министерот за здравство, Венко Филипче рече дека ќе биде многу тешко да се врати авио превозот таков каков што беше, и за кратко време да имаме пристап до аеродромите. Најверојатно безбедносните процедури ќе потраат подолго време.
