Благој Бочварски, министерот за транспорт и врски денеска кажа дека се надева во најскоро време Собранието да ја усвои владината одлука за анекс-договорот на автопатот Кичево – Охрид, зафат вреден 600 милиони евра.
Според министерот не се создадени дополнителни трошоци, туку само се продолжува рокот за изградба.
„Посакувам на следната прва седница да биде првата точка, за да се усвои во најскоро време, како би имале силни градежни активности во следниот период. Државата ги презеде своите активности и одговорности кои ги даваме ние кон изведувачите за да можат и тие со своите гаранции за рокот за конечна изградба на сите подделници да гарантираат пред државата дека ќе ги почитуваат роковите. Очекувам дека овој автопат ќе го завршиме до крајот на 2023 година. Тоа е сериозно решение, вредно 600 милиони евра“, рече Бочварски.
