Богдановиќ ќе бара втор мандат – што вети, а што (не)направи во изминатите 4 години за Центар?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ најави дека посакува и втор мандат да ја води најатрактивната општина во Скопје. Смета дека треба да ја добие поддршката за неговата кандидатура, за, како што рече, да ги заврши проектите што ги започнал.

„Општина Центар покажа спремност за да направи одредени промени за тоа што смета дека не е задоволително, односно не ги постигнува одредени стандарди, но напротив, треба да се гледа и се она што го постигнавме и покрај мораториумот со изградба на капитални проекти. Наша желба и амбиција е да ги продолжиме, односно да ги завршиме сите политики, проекти и планови кои што сме ги започнале“, изјави Богдановиќ.

А кои беа плановите, односно ветувањата на Богдановиќ пред четири години. Она што најгласно го најавуваше мораториумот на градење резултира со најава на почетокот на изградбата на висококатниците кај Холидеј ин. Богдановиќ не смета дека тоа ќе влијае на неговата кандидатура.

„Не може да влијае затоа што општина Центар покажа спремност дека сака да направи промени, нормално имавме пресуда од Уставен суд која што е клучна и не стопираше во такви активности, но ние не се откажуваме. Јас неколку пати повторувам дека нашата политика ќе ја спроведуваме со менување на Деталните урбанистички планови“, рече Богдановиќ.

Пред да го добие мандатот едно од главните ветувања беше почист воздух со спектакуларно најавена кула за прочистување на воздухот.

„Ќе започнеме со справување со загадувањето бидејќи здравата животна средина и чистиот воздух се приоритет за сите. Ќе инвестираме во кули за смог но и ќе почнеме со изградба на гасоводната мрежа до поголемите корисници во општината, со што очекуваме драстично да се намали загаденоста во зимските месеци“, изјави Богдановиќ.

Но ниту се изгради кулата ниту пак гасоводната мрежа, а граѓаните секоја година се гушат во загадениот воздух. Вети нов урбан парк и повеќе зеленило, но се чини дека под ова тој подразбира парковите да бидат обраснати и да не се одржуваат. Неодамна ги исече дрвјата во Дебар Маало за што имаше и протест. Дури сега токму пред избори Општина Центар започна постапка за набавка на урбана опрема, клупи, канти, држачи за велосипеди, станица за сервис на велосипеди, вертикални столбчиња и жардињери. Во кампањата за првиот мандат вети решавање на проблемот со недостиг на места во градинките со изградба на современа градинка, кино на отворено, нова сала за Работнички.

„Ќе се гради и новата спортска сала на нашиот Работнички, ќе инвестираме во повеќе зеленило и во нови пешачки зони.“, вели Богдановиќ.

Богдановиќ пред две години се пофали со пуштање во употреба на новото основно училиште Киро Глигоров чија изградба беше почната пред неговиот мандат.