Со голема вера, масовна посетеност и почит кон вековната традиција, денеска низ повеќе градови и населени места во земјава беше одбележан големиот православен празник Богојавление – Водици.
По светите литургии, во реките, базените и осветените води, свештенството на МПЦ-ОА го положи светиот крст, а најсреќните меѓу учесниците го извадија како симбол на благослов, здравје и духовна сила.
Во Општина Карбинци празникот беше чествуван на три локации – во селата Карбинци, Долни Балван и Таринци. Во селото Карбинци, во водите на реката Брегалница, светиот крст го извади Иван Мицевски, кој по седум години обиди за првпат успеа да стигне до крстот. Во Долни Балван најбрз беше Жарко Михајловски, кој по вторпат го извади светиот крст, посакувајќи љубов, слога и вера, додека во Таринци обредот помина во присуство на голем број верници.
Во Крива Паланка, по светата Богојавленска литургија во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, беа осветени водите на Крива Река. Од педесетината учесници, најсреќен беше Наум Додевски. На настанот присуствуваше и градоначалникот Сашко Митовски, кој порача светите води да донесат здравје, мир и благосостојба. Во селото Конопница, пак, крстот од Селска Река го извади Филип Станоевски.
Во штипско Ново Село, во водите на Брегалница, светиот крст го фати триесетгодишниот Бојан Џонов, кој по вторпат е најсреќен учесник. Тој живее и работи во Германија, а за Водици традиционално се враќа во родниот крај.
Празнично беше и во Берово, каде во Брегалница, пред бројни верници, крстот го извади Благој Дујовски.
Во Ростуше, во водите на Радика, осветени од епископот Антаниски г. Партениј, најсреќен беше 23-годишниот Милко Божиновски, кој посака здравје, мир и благосостојба.
Во Струга, од водите на Црн Дрим, светиот крст го извади 24-годишниот Петар Чакарески, најбрз меѓу стотиците учесници.
Во Битола, во црковниот базен на храмот „Св. Великомаченик Димитриј“, најсреќен беше 16-годишниот Христијан Бошевски.
Во Делчево, по осветувањето на водите на Брегалница, крстот го фати Бојан Ѓеоргиевски, додека во Кавадарци, во реката Луда Мара, најсреќен беше 18-годишниот средношколец Кристијан Митрев, кому му се исполни долгогодишната желба.
Во Куманово, во Соборниот храм „Св. Никола“, чесниот крст го извади 22-годишниот студент Борис Стефановски, кој седум години по ред се обидувал.
Во Тетово, во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“, крстот во црковниот базен го фати 51-годишниот Јовица Илиески-Кара.
Во Дебар, во базенот во дворот на црквата „Св. Петка“, најсреќен беше петтоодделенецот Дамјан Стефановски, на кого радоста му се читаше на лицето, меѓу повеќемина учесници кои заедно скокнаа по светиот крст.
Во Демир Капија, во водите на реката Бошава, најсреќен беше Анџело Илиевски.
Во Прилеп, во осветените води во базенот во прилепскиот хотел „Салида“, светиот крст го фати 17-годишниот Јордан Ангелески.
Во Струмица, во осветените води на базенот „Аквариус“, и годинава Васко Дрвошанов од селото Куклиш го фати положениот крст.
Во скопско Илинден, Марио Димитријевски го извади крстот од водите на езерото кај хотелот „Белви“.
Во Општина Карбинци големиот православен празник Богојавление-Водици се чествуваше на три локации – селата Карбинци, Долни Балван и Таринци. Најсреќни беа Иван Мицевски, Жарко Михајловски и Филип Стоилковски.
Во општина Старо Нагоричане, во осветените води на река Пчиња, најсреќен беше Матеј Стојановски кој го извади светиот крст.
Во Виница најсреќни меѓу најхрабрите оваа година се: Бојан Колишев – Виница, Наум Крстов – Истибања, Даниеле Јанчев – Драгобраште, Наум Тренчовски – Блатец, Андреј Стаменков-Јакимово, Христијан Гоцевски – Лески, Мартин Велинов-Трсино, Валентино Китанов – Пекљани Лука Цеков-Градеци и Иван Арсов – Липец.
Во Ресен, во осветените води на Преспанското езеро, најсреќниот кој го извлече Светиот Крст е Христијан Џеповски.
Во Демир Хисар, во водите на Стара Река, најсреќен и највешт учесник беше Давид Цветановски. Светиот крст го фати Лина Најдовска која учествуваше на богојавленската манифестација што се одржа во селото Стругово. Во селото Сопотница светиот крст го пронајде Никола Димитријовски, во Жван – Иван Андоновски, во Прибилци – Стефан Видановски, во Журче – Марко Босилковски, а во селото Единаковци – Христијан Велевски. Во селото Света најсреќен беше Христијан Николовски, во Доленци – Драган Трајановски, во Железнец – Марјан Стефановски-Чаки, во Слоештица – Стефан Талевски, во Белче – Никола Пејовски, во Граиште – Марко Радевски, во Вардино – Андреј Лозановски, во Суводол-Кутретино – Николај Најдовски, во Загориче – Михаил Трајчевски, во Смилево – Стефан Граматкоски.
Годинешното Богојавление – Водици уште еднаш ја потврди силната вера, заедништвото и длабоката традиција што ја негуваат граѓаните низ целата земја.
