Боксови, клоци, туркање – Спасовски: Имаме снимки од настанот со ракометарот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството ниту негира, ниту потврдува дека видеото кое кружи на социјалните мрежи е од трагичниот настан, односно од претепувањето на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој пред неколку дена почина на КАРИЛ.


Различните изјави на МВР уште повеќе ги зголемија шпекулациите и сомнежите во јавноста дека случајот се прикрива.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека работат на расветлување на случајот и потврди дека поседуваат видео снимки кои откриваат детали во врска со настанот.
Спасовски ги демантираше наводите за прикривање докази, велејќи дека мотивот на трагичниот настан било лично недоразбирање меѓу девојката и починатиот и дека за третото лице кое е во бегство ќе биде распишана потерница.

МВР првично излезе со информации дека нема траги на насилство кај ракометарот Тот, но потоа соопштението беше променето. Во однос на ова, Спасовски објасни дека првичните информации не биле од местото на настанот, туку од Клиничкиот центар.

Од Јавното обвинителство за ТВ21 не ја потврдуваат автентичноста на видео снимката која се појави на социјалните мрежи. Само потврдуваат дека постојат снимки и дека истите се анализираат.


-Сите снимки од видео надзорот во критичниот момент на наведената локација се обезбедени и се анализираат. Со објавата на видео снимките на ниту еден начин не може да се наштети или да се влијае врз постапката. Сепак, апелираме за воздржаност при објава и споделување видеа, чија содржина може да биде вознемирувачка за јавноста, а особено за семејството и блиските на починатиот, велат од Јавното обвинителство.

Меѓу другото, Спасовски порача дека дезинформациите не помагаат во истрагата и додава дека во рамки на истражните дејствија на разговор се повикани уште неколку лица, меѓу кои и вработени во дискотеката.