Францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер презентирајќи ги приоритетите на Франција како претседавач со Унијата на седницата на Националниот совет за евроинтеграции не само што не даде конкретни рокови туку сосема кусо ја спомена Македонија. Тој пред пратениците и не спомна кои би биле можните заложби што француското претседателство би направило за Македонија што побрзо да ги започнат преговорите со Европската унија. Рече дека главен акцент во овие 6 месеци ќе посветат на изградба на силна Европа.
„Во однос на проширувањето и членството на Република Северна Македонија, за оваа тема нема конкретен рок, бидејќи овој рок зависи од меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите и во овој момент е невозможно да се утврди точен датум, но постојано ќе ја придружува земјата со француското претседателство и со трите други засегнати институции за да може работите конструктивно да напредуваат и во добра насока, за да може, колку што е можно побрзо и во текот на француското претседателство да се постигне значителен напредок“, вели Сирил Бомгартнер.
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека е важно да се постигне договор на билатералното прашање меѓу Македонија и Бугарија.
„Важно е дека во истовреме да го видиме напредокот на билатералното прашање со Бугарија и да видиме дека Северна Македонија продолжува да напредува и со реформите на својот европски пат, во интерес на граѓаните и за да се консолидира прогрес за членство во Европската унија. Новата Влада и новиот премиер очекуваме да ги продолжи реформите приоритетно во владеењето на правото и борбата против корупција“, посочи Дејвид Гир.
На седницата на Советот за евроинтеграции на присуствуваше министерот за надворешни работи Бујар Османи, но таму беше вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров, кој имаше повеќе протоколарно обраќање, но сепак побара Франција да се заложи за Македонија да ги почне преговорите.
„Ние сме во ситуација на заеднички успех или заеднички неуспех. Македонскиот случај е најубедливиот најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на Европската унија кон регионот на Западниот Балкан. Се надевам дека најавениот Самит меѓу ЕУ и Западниот Балкан кон крајот на француското претседателство во јуни ќе направи контекст каде што ќе биде прескапо повторно да се соочиме со пораз сите вклучени во овој процес“, порача Никола Димитров.
Пратениците кои се обратија на седницата на Советот за евроинтеграции главно се задржаа на очекувањата од Франција да помогне во надминувањето на спорот со Бугарија и со тоа Македонија да ги почне преговорите со Европската унија. Франција го презеде претседавањето со Унијата од први јануари, а најавува и дека во јуни ќе организира Самит за Западниот Балкан.
