Во Нагорно-Карабах во 12 часот по локално време (10 часот по средноевропско време) стапи во сила прекинот на огнот, во согласност со постигнатиот договор во Москва.
Но, и покрај постигнатиот договор двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето и продолжуваат со нападите.
Договорот за прекин на огнот е постигнат на вчерашната трилатерална средба во Москва на министрите за надворешни работи на Русија, Ерменија и Азербејџан.
Договорот предвидува со посредство на Црвениот крст да бидат разменети воените заробеници, повредените и телата на загинатите.
Во Москва договорено е и да продолжат разговорите за траен прекин на огнот.
Преговорите во Москва, на кој учествуваа азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов и шефот на ерменската дипломатија Зораб Мнацаканијан, траеја 10 часа.
Обновените судири помеѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно-Карабах ескалираа на 27 септември. Двете земји прогласија воена состојба и општа мобилизација и пријавуваат жртви, вклучително и цивили.
Судирот помеѓу Баку и Ереван почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах прогласи независност од Азербејџан. За време на судирите од 1992 до 1994 година Азербејџан изгуби контрола над Нагорно-Карабах и седум соседни региони. Од 1992 година се одржуваат преговори за мирно решавање на судирите во рамките на Организацијата за безбедност и соработка Минск групата,со која претседаваат Русија, САД и Франција.
