Борисов на средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека очекува Македонија и Бугарија да постигнат компромисно решение по отворените прашања до 10 ноември кога двете земји во Софија ќе копреседаваат со Берлинскиот процес. Историјата треба да ја направиме мост на пријателство а не урнат мост преку кој Македонија не може да помине истакна Борисов. Сепак тој не пропушти да каже дека е многу загрижен поради фактот што македонското малцинство и ОМО Илинден се внесени во една од резолуциите на Европскиот парламент.
„Ние сме должни за сегашните и идните поколенија да направиме се, така што на никаков начин Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан да не бидат спречени на патот на Европската унија. Се разбира, јас лично многу сум вознемирен од внесувањето на ОМО Илинден и македонското малцинство во Бугарија, една политичка резолуција во Европскиот парламент, но тоа во никој случај не е во корист на моментот кога ние бараме компромис“, посочи Бојко Борисов.
Османи на заедничката прес конференција со својата колешка Екатерина Захариева рече дека добрососедските односи остануваат приоритет на Македонија.
„Разликите во историјата кои што сега ги сметаме дека се јазови кои што не делат многу лесно и наскоро всушност ќе се види дека се мостови кои што се симбол и на заедничката историја и на посебноста на македонската нација“, вели Бујар Османи.
Сепак Захариева не пропушти да го потенцира ставот на бугарската страна во врска со македонската нација и јазик.
„Од страна на Република Северна Македонија да се признае историската реалност сврзана со процесот на создавање на новиот национален идентитет. Каква е јазичната клаузула во договорот, така сакаме тоа да се рефлектира во сите документи меѓу двете страни“, додаде Екатерина Захариева.
По посетата на Османи, и премиерот Зоран Заев во текот на идниот месец пред одржувањето на Берлинскиот процес во Софија треба да се сретне со бугарскиот премиер Бојко Борисов, на кој тема на разговорите ќе бидат отворените прашања и поддршката од Бугарија за старт на преговорите на земјава.
