Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод големиот христијански празник Божиќ упати честитка до граѓаните, нагласувајќи ја важноста на семејството, заедништвото и духовниот мир.
„Христос се роди! Божиќ е празникот што тивко нè собира околу највредното – семејството и нè потсетува колку е света слогата меѓу најблиските, колку е важно да стоиме еден покрај друг и безрезервно да си бидеме поддршка, и во радост и во искушенија“, порача Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека Божиќ е најрадосниот празник, празник на Христовото раѓање, животот, надежта и љубовта, ден кога срцата се отвораат, а добрината станува најсилната порака меѓу луѓето.
Во духот на празникот, градоначалникот информираше дека присуствувал на Божествената литургија во Соборниот храм, со која чиноначалствувал поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
„Молитвата, заедништвото и духовниот мир уште еднаш нè потсетија на силата на верата и значењето на единството“, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој им посака на сите граѓани во нивните домови да има многу љубов и здравје, мир, среќа и бериќет, како и секој нов ден да биде благословен со успеси, спокој и вера во подобро утре.
„Да бидеме добри луѓе, со чисто срце, со разбирање и почит еден кон друг. Да простуваме полесно, да сакаме повеќе и да не заборавиме дека вистинската сила се раѓа во добрината и човечноста“, порача градоначалникот.
На крајот, Ѓорѓиевски упати повик за сплотеност и меѓусебно разбирање, истакнувајќи дека топлината во семејството е темелот што ги носи граѓаните низ сите животни предизвици.
„Нека светлината на Христовото раѓање ги осветли нашите домови и срца. Честит Божиќ, за многу години“, порача градоначалникот на Град Скопје.
