Енергетскиот сектор може да напредува само преку силна соработка меѓу институциите, компаниите и граѓаните, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на отворањето на изложбата по повод 20 години од работењето на ЕВН Македонија.
Божиновска истакна дека приоритет на Министерството е создавање стабилен, предвидлив и фер енергетски систем кој ќе ги заштитува интересите на граѓаните, но и ќе создава услови за нови инвестиции, иновации и развој.
„Енергетиката е сектор во кој успехот никогаш не е резултат на поединец. Таа бара партнерство – меѓу институциите и компаниите, меѓу јавниот и приватниот сектор, како и меѓу економските интереси и јавната одговорност“, рече Божиновска.
Таа упати честитки за јубилејот на ЕВН Македонија, посочувајќи дека компанијата во изминатите две децении имала значајна улога во развојот на електродистрибутивниот систем, неговата модернизација и дигитализација.
Според министерката, достигнувањата во енергетиката не се мерат само преку инвестициите, туку и преку квалитетот на услугите и сигурноста за граѓаните.
„Енергетиката не е само инфраструктура, туку е дел од секојдневниот живот и еден од темелите на современото општество“, нагласи Божиновска.
Таа додаде дека зелената транзиција, развојот на паметни мрежи, новите технологии и обновливите извори на енергија се предизвици, но и можности кои треба заеднички да се искористат.
Министерката порача дека искуството од изминатите години треба да биде основа за идните чекори и за изградба на поефикасен и посигурен енергетски систем.
