Брисел или Вашингтон? Муцунски: Легитимно е партнерите понекогаш да не се согласуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски не очекува проблем во евроинтеграцијата, по забелешките од земјите на Унијата и од Брисел за воздржаното гласање на Македонија во Обединетите нации за резолуцијата за Украина. Откако полскиот амбасадор Мариуш Бримора, чија земја претседава со Унијата, кажа дека делата се погласни од зборовите, Муцунски врати дека Македонија секогаш ја поддржувала Украина и воено и политички. Според Муцунски, легитимно е партнерите понекогаш да не се согласуваат.

„Фактот што не сме се согласувале по однос на едно гласање во Обединетите нации не значи дека ќе се наруши нашиот билатерален однос со дел од овие земји-членки на Европската Унија, а најмалку дека ќе има било какво влијание во нашите релации со Европската Унија“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Во гостувањето во „Дејли клик“ аналитичарите Никола Србов и Емир Хасановиќ дебатираа дали Македонија избрала страна во новите релации меѓу Брисел и Вашингтон, по нашето ко-спонзорирањето на Резолуцијата на САД. Според Србов, власта е блиска со новата администрација на Трамп и САД се наш стратешки партнер, па сме требале да направиме потег, додека пак од друга страна Хасановиќ вели дека требало да дадеме поддршка и за Резолуцијата на европските земји и да играме неутрално.

„Стоиме во чекалницата на Европската Унија три децении и навистина ако е гревот ова тогаш… ви се молам… Имаме некогаш право – не со Русија, не со Кина, не со Конго – туку со Соединетите американски држави да заземеме еден ист став во гласањето на Обединетите нации“, изјави Никола Србов, политички аналитичар и историчар.

„Вакви работи, каде што нас ќе не ставаат, како држава од два милиони луѓе, ние навистина немаме луксуз ние да бираме помеѓу огромен пазар на Европската Унија, каде што имаме огромен број на дијаспора, тргуваме неверојатно многу, голем број бизниси зависат од тоа, ние да се ставаме во коштец“, изјави Емир Хасановиќ, аналитичар за меѓународни односи.

Последно, евроамбасадорот Михалис Рокас порача да ги задржиме европските вредности и да ја потврдуваме геостратешката заложба за европскиот пат и во гласањата во Обединетите нации. Францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер пак, кусо истакна дека гласањето на Македонија било неочекувано.