Обединетото Кралство одобри користење на своите воени бази од страна на Соединетите Американски Држави за напади врз ирански цели поврзани со напади врз бродови во Ормутскиот теснец.
Како што објавија британските претставници, одлуката е донесена на состанок на кабинетот, а се однесува на проширување на претходното овластување според кое американските сили би можеле да ги користат британските бази за одбрана од ирански напади.
Канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека базите сега ќе бидат достапни за „американски одбранбени операции“ фокусирани на „способностите што се користат за напад на бродови во Ормутскиот теснец“. Тие нагласуваат дека Велика Британија нема директно да учествува во нападите и дека „фундаменталните принципи на пристапот кон конфликтот не се менуваат“, нагласувајќи ја потребата од итна деескалација.
Војната меѓу Иран и Израел и САД трае веќе три недели, откако Израел започна напади врз ирански воени и нуклеарни цели, со поддршка на САД. Иран возврати со ракетни напади врз израелски цели и американски интереси во регионот, а конфликтот се прошири и на поморските патишта.
Ормутскиот теснец, низ кој минуваат голем дел од светските залихи на нафта, стана една од клучните жаришта на кризата. Нападите врз бродовите и заканите за затворање на преминот веќе сериозно го нарушија сообраќајот и драматично ги зголемија цените на енергијата.
