Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ истакна дека Парламентот вчера личел на воена зона, но и дека граѓаните на Србија не треба да се грижат. Таа го окарактеризира овој чин како тероризам.
„Граѓаните не треба да се грижат, тоа беше мојата порака од говорницата. Во Србија ќе има мир, ќе можеме да ја зачуваме стабилноста. Вакви немили сцени првпат гледаме во нашиот парламент, во други сме ги виделе, а во нашиот не. Никогаш не сме имале ваква опозиција, која сакала на ваков начин да го понижи парламентот, институциите. Тоа доволно говори за денешната опозиција. Кога некој ќе фрли солзавец или шок-граната врз пратеник, тоа е слика која засекогаш ќе остане симбол на Милош Јовановиќ. Тој се покрива себеси и очите, но испрска солзавец во лицето на жената. Кога го прави тоа, не го прави само на Јасмина Каранац, туку на илјадници граѓани кои стојат зад тој пратеник. Кога ги напаѓате овие луѓе, не само што ги напаѓате вашите колеги, што само по себе би било неприфатливо, туку напаѓате илјадници граѓани. Граѓаните не треба да се грижат, нашите институции ќе продолжат да работат, нема да се повлечат пред дивјаштвото, насилството, тероризмот. Ова не е политика, ова е тероризам. Политиката е кога се соочуваме со аргументи. Освен што се радуваат Приштина и Загреб, што и донесе ова на Србија? Собранието продолжи да работи затоа што ќе беше погубна порака собранието да се повлече пред насилството. Немаме право да не работиме, мора да работиме. Нема да престанеме да работиме“, изјави Брнабиќ за РТС.
Таа ја откри и моменталната состојба на повредените пратеници.
„Јасмина Обрадовиќ е во тешка состојба, претседателот Вучиќ повторно ја посети синоќа, по 23 часот. Лекарите рекоа дека може да дадат прогноза штом ќе заврши ноќта. Соња Илиќ е подобра, стабилна, бебето е добро. Малиот Гаврило ќе остане симбол на победата над сите обиди за обоени револуции во Србија. Јасмина Каранч имаше полесни повреди, добро е, сите се однесуваа херојски. Им благодарам на овие пратеници кои ми дојдоа на помош“, изјави Брнабиќ.
