Брзаше за избори, СДСМ сега на одмор – партиите се уште без средби за можните коалиции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту една средба или тркалезна маса за преговори за можните коалиции за новата влада. Социјалдемократите на одмор и не се на располагање да зборуваат за медиумите за коалициите во влада, а бараа што поскоро да се одржат изборите. За формирање на владата ќе разговараат по 2 август, кога ќе се вратат од одмор.

Интегративците се подготвуваат за преговори најпрво со албанските партии, а потоа со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.

„Сега за сега нема средби. Чекаме да излезат финалните резултати и со одлука од Управен суд. Потоа ќе започнеме со средби, најпрво со албанските партии, а потоа со македонските“, истакна Бујар Османи.

Во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ отворени се сите карти кои би ги одвеле опозиционерите на власт. Дафина Стојановска од оваа партија вели дека сега за сега нема комуникации меѓу партиите, но се разгледува секоја опција за коалицирање.

Го контактиравме генералниот секретар на АА, Арбен Таравари  но не ни врати одговор. Тој за Сител даде личен став велејќи дека е невозможна мисија тие и ДУИ да бидат во една влада.

Од партијата Левица со двајца пратеници, изјавија дека нема да коалицираат со СДСМ, но не ја отфрлија ВМРО-ДПМНЕ. ДПА која освои еден пратенички мандат се уште не открива со кого би влегла во коалиција.