Бучковски во Софија: Доаѓам како пријател – Захариева со порака: Откажете се од манипулациите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само еден ден по ветото од Бугарија на Советот за општи работи на министрите на земјите членки на ЕУ, Владо Бучковски отпатува во Софија. Тој пред неколку дена беше назначен за специјален претставник на македонската влада во преговорите за спорот со Бугарија. Како што вели, ниту тој, ниту Захариева, не можат да ја сменат заедничката историја, но можат да работат на подобрување на иднината.

„Убеден сум дека ја уверивме министерката Захариева и нејзиниот тим дека сме подготвени да го имплементираме договорот за пријателство и соработка. Бараме инструменти, ако тоа е патната карта, верувам дека тоа ќе може да биде алатка каде што ќе ги мериме достигнувањата во периодот што претстои. Признаваме дека е нарушена довербата.“, рече Бучковски.

А, дека довербата е нарушена обвини и Захариева, која вели дека за ова виновна е македонската страна.

„Сакам да потенцирам, дека неправилно тоа се нарекува вето. Тоа е неодобрение на преговарачката рамка.“, вели Захариева.

Захариева вели дека единственото нешто што го бараат е почитување и исполнување на договорот за пријателство од 2017-та година. Но и откажување од неоснованото инсистирање за македонско малцинство во Бугарија, а порачува и да се престане со манипулациите и дезинформациите во Скопје за позицијата на нашиот источен сосед.

Вчера Владата за прв пат со официјално соопштение се огласи по ветото на Бугарија. Ова е дел од она што го пишуваше во соопштението, кое не им се допадна во Бугарија.

„Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори. Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина. За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ.“, велат од Владата.

По вчерашната седница на Советот за општи работи на министрите на земјите членки, утре треба да се одржи Европскиот совет на шефовите на држави на земјите членки. Сепак нема големи очекувања дека Бугарија ќе го смени ставот. Заедно со Македонија и Албанија останува блокирана во започнувањето на преговорите.