Бучковски во Софија, Османи онлајн во Брисел – Македонија и Албанија и проширувањето, не се на дневниот ред на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На дводневниот состанок на Европскиот совет кој започна денеска, проширувањето на Европската унија не е ставено на агендата на Самитот во Брисел. Како што е познато за Македонија, но и за Албанија не е усвоена преговарачката рамка, поради ветото на Бугарија кон нашата земја. Наместо тоа, во Софија беше одржана средбата на специјалниот претставник Владо Бучковски со бугарскиот премиер Бојко Борисов кому му предаде нон-пејпер за дел од прашањата.

„Скратениот термин на нашето име Република Северна Македонија е Северна Македонија, не значи територијални претензии кон Бугарија. За тоа на крајот од состанокот имаме нон-пејпер кој вас ќе ви го дадеме од име на нашата Влада. Мене ми се допадна вашата порака, не можеме ние да се мешаме кај историчарите, да им оставиме нив доволно време. Вие како што велите, балансот ќе го направат врз основа на историските факти.“, рече Бучковски.

„Нас не интересираат сегашните и идните поколенија. Да не оставиме таа омраза и разочарување да стои меѓу нашите две држави. Тоа нема да ни го простат следната историска комисија што ќе дојде“, вели Борисов.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак одржа видео дебата со европратениците на виртуелната сесија на Комитетот за надворешни работи на која од голем дел од нив доби силна поддршка за почеток на преговорите.

„Верувам дека Договорот за добрососедство со Бугарија е формула за успех, што направи пресврт во долготрајните тешкотии во односите со Република Бугарија. Конечно, договорот за нашите односи создаде инструменти за споровите на двете земји. Спорови кои главно се емоционални. И кога има емоции многу е тешко да се има рационален пристап за да се решат.“, изјави Османи.

На денешниот Комитет беше презентирана и нацрт резолуцијата на европратеникот Илхан Ќучук во кој се поздравени напорите за интеграција на земјава во Европската унија.