4 милијарди евра е буџетот за 2021 година, но и оваа година ќе биде година на предизвиците и импликациите кои ќе ги носи пандемијата, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими, во вчерашната емисија Клик Плус.
„Затоа и буџетот има 3 приоритети и тоа, од здравствен аспект да штити од Ковид, да ја штити економијата и работните места и потоа е забрзување на економскиот раст, да и помогне на економијата за инвестиции. И третиот е во врска со прашања поврзани со функционирањето на државата, односно реформите во судството, обврските кои произлегуваат кон НАТО и процесот кој е во врска со ЕУ“, вели Бесими.
9.4% од буџетот ќе биде за капитални инвестиции, а 15% за плати.
Пратеникот на опозициската Алијанса за Албанците, Елми Азири, вели дека овој буџет е многу оптимистички и нереален.
„Ние досега секогаш разговаравме за очекувањата, дека овој буџет ќе реализира економски раст од 4.1% за следната година, а песимистичкото сценарио е 2.4%. Сметаме дека овој буџет е многу оптимистички и е поставен врз нереална основа бидејќи и во годините кога немавме пандемија, кога немавме остри ограничкувачки мерки, никогаш првичните предвидувања на Владата не беа точни што се однесува до реализацијата на буџетот и нормите на економскиот раст.“, рече Азири.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, вели дека малите компании изгубиле најмногу од пандемијата, затоа побара Владата да се фокусира на нив. Што се однесува до капиталните инвестиции, доколку тие не се реализираат најмалку 80отсто, Хоџа предупреди за економска стагнација.
„Од минатото знаеме дека неколку пати се правеше ребаланс, се земени средствата од капиталните инвестиции и се префрлени за разни социјални трансфери. Затоа, единствениот и главниот фокус треба да биде во економијата и поддршката на бизнисот бидејќи тие генерираат средства и ќе донесат економски раст.“, вели Хоџа.
Министерот Бесими очекува реализацијата на капиталните инвестиции да биде над 70 отсто. Пратеникот Азири вели дека е убеден дека овој буџет нема ни да го дочека летото 2021 без да се направи ребаланс. Бесими се согласува со тоа, велејќи дека веројатно ќе има ребаланс на буџетот, бидејќи и 2021 година ќе биде со висока непредвидливост.
