Бугарија го прифати краткото име С.Македонија, Петков не одговори за македонскиот јазик и народ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На првата средба на бугарскиот премиер Кирил Петков на нашата земја постигнат е и прв договор. Бугарија прифати да го користи краткото име Северна Македонија исто како и долгото нешто што претходно го спореше. Средбата на Петков со македонскиот премиер Димитар Ковачевскишто се одржа во Скопје беше оценета како многу важен чекор во надминувањето на отворените прашања. Ковачевски му се обрати со зборовите драг пријателе овде сте секогаш добредојдени бидејќи имаме заедничка цел да создадеме подобра иднина за граѓаните на двете држави и најави интензивен период во решавањето на отворените прашања, меѓу кои се и идентитетските прашања.


Со премиерот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите нации. Во однос на употребата на јазиците, ние сме држава која што е признаена од страна на Република Бугарија и која што во своето уставно уредување го има македонскиот јазик, изјави премиерот Димитар Ковачевски.


Петков на прес конференцијата за прв пат го употреби краткото име Северна Македонија, рече дека е оптимист за постигнување решение, но она што остана неодговорено од негова страна е за прашањето на македонскиот јазик и народ. На новинарско барање да го именува јазикот и народот на државата во која е моментално тој избегна да одговори.


„Се радувам дека можам многу мирно да кажам Северна Македонија. Во нашиот Договор за добрососедство кое сме го потпишале имаме многу јасна дефиниција за јазикот и тезата за јазикот како и во делот на другите документи кои веќе сме ги потпишале. Ние апсолутно го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија, како и користењето на сите ваши јазици кои се запишани во Уставот“, рече бугарскиот премиер Петков.


Историската комисија која е заглавена на личноста и припадноста на Гоце Делчев ќе биде една од петте комисии кои интензивно ќе работат на унапредувањето на односите. Ќе се фокусираме на прашањата кои се важни за иднината рече Петков, а како напредок е и договорот за авионска линија меѓу Скопје и Софија со што поврзувањето меѓу двете земји ќе биде за 20 минути, рече Петков.


На крајот на прес конференцијата, новиот македонски премиер Ковачевски доби подарок, црвено јаболко од бугарска новинарка. Таа порача дека тоа е во знак на благодарност дека тој ќе се залага за подобрување на односите помеѓу двете земји. Петков со насмевка го проследи овој гест на бугарската новинарка.


Инаку, договорено е веќе за една недела, односно на 25 овој месец да се одржи седница на двете влади на која ќе се формираат работни групи за заеднички проекти, по што секоја наредна недела работните групи ќе имаат состаноци за да се забрзаат активностите. Петков има средби и со лидерите на политичките партии на ДУИ Али Ахмети и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.