Во Скопје некој си замислува дека Бугарија поради братски чувства и солидарност ќе направи отстапки, изјави во интервју за бугарската БНТ Красимир Каракачанов. Ова е уште една од серијата изјави на бугарскиот министер за одбрана за прашањата со Македонија со која тој ја зацврстува позицијата на државно раководство дека Бугарија ќе ја блокира нашата земја за почеток на преговори со Европската унија доколку не прифатиме дека националниот идентитет и јазикот имаат бугарски корени.
„Тие сметаат и дека некој ќе изврши притисок врз Бугарија и Бугарија ќе се откаже од својот национален интерес. Ние сакаме ако некој, во случајов Република Северна Македонија решава да си создава некаков нов идентитет да бидат така добри да си ја создаваат од моментот од кога таа доктрина е создадена за некаква македонска нација По 1944 година таа доктрина беше наложена во титова Југославија со оган и меч.“, рече Каракачанов.
Веднаш по ова интервју на Каракачанов поранешниот премиер на Шведска и копретседател на Советот на Европа за надворешни работи Карл Билт на својот твитер профил напиша дека Бугарија не може да наметнува своја вистина.
„Ако некој напредок кон Европска унија на Балканот зависи од една или друга држава која наметнува некаква „историска вистина“, можеме да бидеме сигурно дека ништо нема да се случи за следната или дури за следните две генерации.“, напиша Билт.
Во истовреме и угледниот германски весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг пишува дека Софија бара Македонците да признаат дека всушност биле Бугари и дека зборувале бугарски јазик што не било прифатено од ниту една земја членка на Европската унија. Според овој весник ваквите ултиматуми од Бугарија не одговараат на 21 век и кон таквата политика се гледа со загриженост во однос на политиката на проширување на Европската унија
„Во кругот на амбасадорите на Европската унија, настапите на бугарскиот амбасадор оваа и минатата недела наидоа на неразбирање и чудење. Никој не му се приклучи, ни Грците, ниту Французите или Холанѓаните кои пред една година го блокираа почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.“, пишува ФАЦ.
Одлуката дали Македонија ќе ги почне преговорите треба да ја донесат министрите за надворешни работи на Европската унија на 10 ноември, а првата Меѓувладина конференција се планира да се одржи во декември годинава. Бугарија може да ги блокира овие процеси затоа што одлуките се носат со консензус.
