Бугарски фирми во фокус на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – си оставија време за одговори, но „скандалите“ ќе продолжеле

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Портпаролките на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Богданка Кузеска и Марија Митева ја појаснуваат поврзаноста со бугарски фирми на претседателите на партиите, Венко Филипче и Христијан Мицкоски. Од СДСМ повикаа владејачката партија да одговори за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и дали е со средства од бугарска фирма од Петрич во сопственост на баџанак на премиерот Мицкоски.

„Во Петрич, Бугарија, на улица Антон Попов брј 57 е регистрирана фирмата ДАНО ТРАНС ЕООД, на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, од Струмица. // Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ?“, вели Богданка Кузеска.

„Жалам што Кузеска и Социјалдемократскиот сојуз се служат со невистини и манипулации, обидувајќи се дека така, преку креирање лаги, ќе ја сокријат вистината.“, вели Марија Митева.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинија дека Филипче намерно од анкетниот лист во Антикорупциската комисија изоставил фирма во негова сопственост, која е регистрирана во Петрич, Бугарија. Наводно, според ВМРО-ДПМНЕ, таа фирма не била запишана зашто може да се поврзе со друга фирма од Македонија – Медикал420, за производство на марихуана, а од која исчезнале наркотици.

„Станува збор за фирма којашто не е активна, којашто воопшто не била активна и како што кажав на оваа прес-конференција, единствената цел на ВМРО-ДПМНЕ зошто започнала една серија на вакви лаги и манипулации е токму ова што го кажавме денеска – за да ги покријат бизнисите на блиските луѓе и роднините на Мицкоски во, исто, во Петрич во Бугарија.“, порача Богданка Кузеска.

„Еве да речеме дека на овие прашања не одговараат, јас ќе поставам други прашања – дали е вистина дека компанија од Македонија, којашто е блиска до семејството на поранешен претседател на Социјалдемократскиот сојуз исплаќа пари на бугарска фирма, којашто е во сопственост на поранешен премиер и претседател на Социајлдемократскиот сојуз?“, вели Марија Митева.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си оставија време за одговори на прашањата, а во спротивно, како што велат, ќе продолжат да објавуваат информации. Фирмите за коишто меѓусебно се обвинуваат партиите се регистрирани на пет километри воздушна линија во бугарскиот град Петрич.