Недостојни и корумпирани – вака вицепремиерот Александар Николоски ги оцени бугарските политичари кои побараа тој да биде разрешен, а меѓу нив и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Ова следуваше откако Николоски го нарече Румен Радев нецивилизиран и додаде дека за разлика од Бугарија, „помизерни се само домашните слуги што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја“. Тој кажа дека во еден дел од интервјуто е изваден од контекст во Бугарија, но дека стои зад кажаното.
„Вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари, коишто не можат ништо да направат за сопствената држава освен да внесуваат гнев и омраза. Таков е овој што го споменав со пачките злато, таков еден друг што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари коишто се корумпирани, а таков е и оној којшто е претседател на Бугарија и којшто немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме“, вели Александар Николоски.
Оставка од Николоски претходно во текот на денот побараа сите најголеми бугарски партии, како и поранешниот премиер Бојко Борисов.
„За говорот што го користат има само едно извинување – оставка на овој министер. Ако не го направат – ниту со претседател, ниту со премиер, ниту со министри, ниту со партии треба да се има средби или пак да се разговара со нив“, вели Бојко Борисов.
И од партијата на поранешниот премиер Кирил Петков оценија дека е недозволив говорот на Николоски.
„Колегите од Северна Македонија од политички причини, внатрешно-политички, го оттргнуваат својот народ од нивниот европски пат“, вели лена Бориславова
Од кабинетот на Радев ја оценија изјавата на Николоски како оркестриран скандал. Според нив, владини структури во земјава се вознемирени поради конструктивниот дијалог што Радев го имал со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
