Бујар Османи, смирен – „Владата е стабилна, последниот збор го има Ахмети“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи, а воедно и портпарол на ДУИ, Бујар Османи не очекува дека случувањата во ДУИ ќе влијаат на стабилноста на Владата. Според него, ДУИ е стабилна политичка структура во која и претходно имало флуктуации, но како што рече тие се надминати без последици. Османи додаде дека Али Ахмети го има последниот збор во ДУИ и дека со вчерашната изјава го затворил случајот.

-Господинот Ахмети и ДУИ веќе 20 години се фактор на политичка стабилност и гарант на евроатлантскиот курс на државата. Се разбира дека ќе има обиди за напади од тој тип,  не зборувам конкретно за внатре, но еве има и вакви дезинформации во јавноста и други работи. ДУИ е стабилна политичка структура во која имаше внатрешни осцилации и осцилации однадвор кон внатре, но ние ги надминавме без последици по стабилноста на партијата и стабилноста на Владата. Така што апсолутно не очекуваме  понатамошен развој на настаните, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Во писмото напишано од „Огнената група“ упатено до Ахмети во врска со незадоволството во ДУИ, се потпишани и двајца пратеници, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, но според Ахмет тоа воопшто не го загрозува парламентарното мнозинство.

-Мислам дека целата пратеничка група не е посветена на ризикување на иднината на генерациите,туку станува збор за привремени дневни политики за кои не мислам дека се непоправливи и непремостливи, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Главното барање на незадоволната група на ДУИ во соопштението што го објавија е ДУИ да се врати на позицијата од пред  18 години, организирана и структурирана. Потписници на писмото се истакнати  личности на ДУИ, како Изет Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта.