Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека државјаните кои живеат повеќе од една година во дијаспората, треба само да се евидентираат, а не да се попишат. Доколку се попишува, а не евидентира, тој синоќа во Клик Плус рече дека нема да го прифатат резултатот од пописот.
Премиерот Зоран Заев го вели спротивното. Сите ќе се попишат, резиденти и нерезиденти!
Бурни реакции и од останатите партии. Арбр Адеми од ДУИ вели дека не се важни изјавите, туку тоа што го кажува законот.
„И во законот се зборува за попис на дијаспората, нашата дијаспора, за само-попишувањето на нашата дијаспора, затоа и со измените кои се денеска на пленарна седница, досегашните резултати од само-попишувањето од дијаспората, ќе се знаат, дури ќе се продолжи рокот за само-попишување за да не заврши сега, туку да продолжи до 30 септември оваа година“, истакна Арбр Адеми.
Аријанит Хоџа од Движење Беса вели дека не разбира кому му се упатени изјавите на Мицкоски кои ги нарекува тенденциозни, бидејќи според Хоџа, терминологијата за создавање збунетост не е реална.
„Едно нешто гарантираме, дека секој Албанец кој е попишан од дијаспората или ќе се попише во родното место, ќе биде во вкупниот број на населението. Ние не можеме да бришеме државјани од населението на Република Северна Македонија кои во моментот на пописот не се во нивното родно место“, вели Аријанит Хоџа.
Халил Снопче од опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива изрази сомнеж дека меѓу Заев и Мицкоски може да има договор за нов закон пред септември, а сега се прави само краткорочно одложување.
„Можеби имале некаков договор, но и да има обид, за среќа законот за попис се носи според механизмот на Бадентер. Не случајно ги покануваме и пратениците на ДУИ и во конкретниов случај да го примениме Бадентер бидејќи тие можат да имаат каков било договор, но нивниот договор не поминува бидејќи ние како албанска страна стоиме зад изјавите што сме ги дале“, вели Халил Снопче.
Побаравме став и толкување на законот од директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, но тој ни рече дека нема ќе даде изјава пред Собранието да направи законски измени за одложување на пописот. За разлика од него, заменик директорот Иљми Селами реагираше веднаш на изјавата на Мицкоски велејќи дека законот јасно кажува дека се попишуваат како населението внатре во државата и тие што се во дијаспората. “Овие две групи попишано население го сочинуваат вкупниот број на попишани“, напиша Селами. Со новите законски измени, пописот на резидентите се очекува да се реализира од 5 до 30 септември.
